Пари сен Жермен го освои третото место на фајналфор турнирот од Лигата на Шампионите во Келн откако „светците“ во малото финале успеаја да слават над Нант со резултат 31-28. Избраниците на Раул Гонзалес се рехабилитираа од шокантниот пораз од Алборг, успевајќи триумфално да ја завршат сезоната во која сепак не ја остварија главната цел – кревање на титулата во Лигата на Шампионите.
Дуелот почна со израмнета игра на двете страни во која брилијантен беше голманот на Нант, Димулан, но избраниците на Ентрериос не успеаја да го претворат тоа во посериозна предност. ПСЖ успеа да влезе во ритам, а во прилог на „светците“ одеа и бројните технички грешки на противникот (дури дванаесет во првото полувреме), по што тимот од Париз на одмор замина со водство од 17-13. Нант не се предаде, трпеливо ја топеше предноста на ривалот, па со погодокот на Кире Лазаров успеа да стигне и до израмнување од 24-24. Сепак, тоа беше се што составот на Нант успеа да стори бидејќи ПСЖ влезе во нова серија со која се одлепи резултатски и ја осигура победата.
Погодокот за израмнување беше единствениот за Лазаров на овој натпревар, најефикасен кај Нант беше Мин со пет погодоци, додека најдобри стрелци во таборот на ПСЖ беа Соле со пет и Ремили со четири постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА