Лазаров играл повреден: Столе ми рече, па дали си нормален… дури тогаш излегов од терен

Кире Лазаров имаше неочекувано мала минутажа на дуелот во „Борис Трајковски“, а причината беше повредата што македонскиот ас ја заработил на последниот меч за Нант пред овој репрезентативен собир.

Македонскиот селектор призна дека преголемата желба го натерала нереално да ризикува да настапи и во второто полувреме, обелоденувајќи дека човекот што го седнал на клупа е  – Стојанче Стоилов.

„Тоа е нешто што успеавме да го сокриеме во изминатите денови, не од вас новинарите, туку од противникот кој сигурно поинаку ќе се подготвуваше ако знаеше дека јас сум повреден. Станува збор за повреда што ја заработив против Фуксе Берлин и која ни ги измести плановите. Искрено мислев дека покрај се што направив изминативе три дена за да се оспособам, мислев дека ќе издржам барем 60-70%. После првиот шут осетив голема болка и тоа шут од 6 метри, а после вториот од 9 метри тоа беше крај. Во второ полувреме влегов како „лудак“, каков што сум и да не ми речеше Столе да излезам, немаше ни да излезам. Тоа е вистината. Ми рече, што правиш, дали си нормален? Му реков, не сум, излегов и фала богу се заврши како што треба“, истакна Лазаров.

Томи Јагуриновски беше играчот што ја презеде одговорноста во клучните моменти, а токму овој десен бек го изнуди клучниот пенал што Кузмановски го претвори во гол за пласман на СП 2023.

 

Се вчитува...