Лазаров има рецепт за успешна Македонија (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Со денешните два тренинзи и официјално беше означен стартот на подготовките за последните две средби од квалификациите за ЕП 2022, против Финска и Швајцарија. Пласманот на европскиот шампионат е веќе обезбеден, па селекторот Лазаров има простор за маневар, но долгогодишниот капитен јасно стави до знаење – оваа репрезентација мора да има победнички менталитет и тоа да го потврдува токму на натпреварите на кои е фаворит, да не дозволи да биде непријатно изненадена.

Кире Лазаров има рецепт за успешна Македонија, и самиот е свесен дека е тешко да се брка резултат и паралелно со тоа да се гради нова репрезентација, но делува подготвено за тој сериозен предизвик.

Впрочем, дебито на клупата му беше со триумф над светскиот шампион Данска, што само потврди дека Македонија може да се носи, но и да ги победува и најголемите селекции. Лазаров на промоцијата најави дека очекува „црвено-жолтите“ да заиграат онака како што тој посакува токму од ЕП во јануари 2022 година. А дотогаш има сосема доволно време за свои замисли да ги спроведе во дела, а на помладите да им го пренесе победничкиот менталитет што го краси низ целата кариера.

Се вчитува...