Лазаров: Имавме квалитетен тест со Србија, на добар пат сме со овие млади играчи од Супер-лигата

ЕКИПА во Ниш,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација загуби со 29-26 на првиот од двата контролни натпревари против Србија, на кој селекторот Кире Лазаров тестира играчи исклучиво од домашната Супер-лига.

Ако се знае дека Србите настапија со бројни интернационалци јасно е дека македонскиот селектор може да биде задоволен од првото издание на своите избраници.

„Јас го доживеав натпреварот како официјален, на некој начин како квалификациски, и така се поставивме и така момците се однесуваа на терен и покрај тоа што лошо почнавме со сериозна негатива. Но, верував и знаев дека тоа се само почетни импресии кај играчите и дека ќе се вратат во игра. Ова е нова генерација, млади играчи кои немаат доволно минутажа во клубовите во текот на сезоната, и затоа може генерално да оценам дека имавме успешен тест кој ни кажува дека сме на добар пат“ – изјави Лазаров за ЕКИПА по мечот, притоа дополнувајќи:

„Можевме и до подобар резултат, но јас сум задоволен затоа што игравме против една квалитетна селекција на Србија со интернационалци кои се носители на играта во своите клубови“.

Ако се анализира мечот, каде можеме подобро во однос на прикажаното на терен?

„Секако, можеме подобро во сите сегменти од играта. Ќе следи и детална видео-анализа. Ќе се обидеме да ги поправиме грешките, но се виде дека за еден ваков натпревар не е доволно само десеттина денови подготовки, но неопходен е континуитет во текот на целата година. Тешко е во овој момент да се каже на кои од овие ракометари ќе може да сметаме за Европското првенство, но јасно е дека ќе ги следиме постојано како ќе одминува време. Важна е соработката со клубовите и да имаат постојана минутажа, секако под наш надзор како на крај би добиле вистински ракометни производи“.

Се вчитува...