Лазаров: Исцрпувачко е да сте селектор и играч, но потешко ќе ми беше да сум само на клупа

Новиот селектор на македонската репрезентација, Кирил Лазаров имаше деби од сништата на натпреварот против светскиот и олимписки шампион, Данска, натпревар на кој Македонија обезбеди учество на престојното Европско првенство.

Ракометната легенда пред денешниот тренинг не го криеше задоволството од историската победа над скандинавскиот противник, а како што вели Лазаров ова е само почеток на нешто што ќе се развива во наредните години.

„Задоволен сум и горд сум од она што се направи. Можебн неочекувано ја добивме Данска, денес утрово имавме видео-анализа и дури и мене на анализа натпреварот ми изгледа многу подобро одошто ми изгледаше на терен. Може да се увидат неколку детали и сакам уште еднаш јавно да им честитам на играчите, стручниот штаб и сите што беа инволвирани во овој процес за подготовката против Данска. Но, сега треба да се посветиме уште повеќе и да се надградуваме и најважно е во наредните седум-осум месеци да создадеме квалитетна база од 20-25 квалитетни играчи кои во секој момент можат да влезат на терен и да им парираме на поголемите европски репрезентации. Тука сме 21 играч, ни недостасуваат, од оние кои што го заслужија повикот сега, Марко Мишевски, кој беше ковид-позитивен, сега е негативен, како и Дејан Кукуловски и Бојан Маџовски. Се надевам дека во нареден период ќе се појави уште некој играч и ќе го вклучиме во „костурот“ за да немаме недостаток на квалитет“ – изјави селекторот.

Лазаров кој долги години наназад е лидер на „црвено-жолтите“, сега има и улога „плус“ за која вели дека не е воопшто лесна, но преовладува ентизијазмот…

„Многу потешко би ми било да сум само селектор, да гледам од надвор, а да не делувам внатре. Вака кога сум на терен и сам носам одлуки и решенија и директно влијаам на резултатот на играта. Малку ме исцрпува новата улога, затоа што се подготвуваш за тренинг, треба да размислуваш на таткитка, треба да размислуваш на својата репрезентација, треба за противникот, треба за 20 играчи, па со сите да разговарате, да ги чуете нивните барања и нивните проблеми. Но, тука влегов со голем ентузијазам и сакам да ја работам оваа работа. А, нешто кога сакате, го работите со страст без проблем“ – додава Лазаров.

Селекторот од самиот почеток на натпреварот шанса им даде на младите играчи, кои одговорија перфектно.

„Секогаш велам дека ако некој стигнал до репрезентација сигурно е дека има квалитет. За останатото се работи каква улога ќе му дадете на играчот и се работи за системот кој се бара. Ние поставуваме еден систем. На Талески и Кузмановски им дадов конкретни работи и улоги, а по видео-анализата видов дека нив им е јасно се и очекувам како што минува времето, тие да бидат поквалитетни“ – заврши предводникот на „црвено-жолтите“.

 

Се вчитува...