Лазаров ја напаѓа круната, европскиот ракомет ќе добие нов владетел

Европскиот ракомет викендов ќе добие нов владетел, откако актуелниот шампион Кил воопшто не успеа да се пласира на фајналфор турнирот во Келн, каде во „Ланксес Арена“ во овие два дена ќе биде решено прашањето кој ќе ги наследи „зебрите“ на тронот. Македонија ќе има свој претставник во Кире Лазаров, кој ќе биде еден од главните адути на Нант во денешното полуфинале, во обид да стигне до втората европска круна во својата блескава кариера. Лазаров единствената европска титула ја освои како член на Барселона, а токму каталонскиот гигант ќе им биде ривал на Македонецот и соиграчите во денешното полуфинале, со почеток во 18 часот.

Јасно е дека Барса ќе ја има улогата на фаворит, но истото беше случај и со Киелце и со Веспрем во претходните две рунди, кога Нант успеа да ги шокира европските гиганти на патот до овој фајналфор. Лазаров пристигна во Келн како најдобар стрелец на овие завршни турнири со вкупно 65 погодоци, рекорд што се надева дека ќе го задржи најмалку уште годинава. Зад него од активните ракометари се Микел Хансен со 60 и Арон Палмарсон со 59 погодоци на натпреварите во „Ланксес Арена“ во битките за европскиот ракометен трон.

Пред мечот Барселона – Нант, во првото полуфинале во 15.15 часот силите ќе ги одморат ПСЖ и Алборг. Данскиот првак е најпријатно изненадување во Лигата на Шампионите сезонава, па иако на хартија е аутсајдер сигурно нема да се предаде во обидот да го изненади големиот фаворит од Париз. Раул Гонзалес беше доведен од Вардар во ПСЖ за да ги искачи „светците“ на тронот на ракометна Европа, но на „ел команданте“ му е јасно дека во Келн несекогаш победуваат фаворитите, па ќе мора да биде внимателен против максимално мотивираниот противник од Данска.

Се вчитува...