Лазаров ја откачи Барса, останува уште една година во Нант

Кире Лазаров е подготвен да ги разреши сите дилеми околу својата иднина потпишувајќи нов договор со екипата на Нант. Сериозен интерес за ангажман на Македонецот покажуваше и големата Барселона, но со понуда како дел од стручниот штаб на клубот, а проблем во преговорите беше што Лазаров сакаше да продолжи да игра уште една сезона пред и официјално да ја заврши својата фантастична кариера.

Неговиот сегашен клуб Нант му го понуди на македонскиот „бомбардер“ токму тоа, нов едногодишен договор, со што не се исклучува Лазаров во иднина да стане и дел од стручниот штаб на тренерот Ентрериос. Како што информира весникот „Л’Екип’, деталите од новиот едногодишен договор се веќе средени и се очекува само потписот, најверојатно во текот на овој месец.

Кире Лазаров и при промоцијата како нов селектор на македонската репрезентација обелодени дека планира да игра уште една година, со своето искуство да помогне и на терен за време на ЕП 2022. Со овој договор со Нант тоа е овозможено, по што Лазаров во јуни 2022 и официјално ќе му каже збогум на играњето ракомет и целосно ќе се посвети на работата како кормилар на македонскиот национален тим.

Се вчитува...