Кире Лазаров се чувствува подготвен за селекторската функција во македонскиот национален тим. Свесен е за големината на предизвикот пред него, но долгогодишниот капитен е оптимист дека ќе успее да ја отвари првично зацртаната цел – одржување континуитетот од настапи на големите натпреварувања.
„Веќе подолго време се подготвувам за тренерската работа, требаше да ја имам лиценцата, но се одложи поради ковид-кризата. Ова е голем предизвик за мене, но јас сакам предизвици во животот, само тогаш се чувствувам исполнет, кога имам предизвик пред себе. Не сум човек што сака да седи во канцеларија, јас сакам да се борам, таков бев како играч, таков ќе бидам и како тренер. Сигурен сум дека ќе успеам, знам дека ќе биде тешко бидејќи преземам национална селекција што е во формирање и треба дополнително да се стабилизира“, порача Кире Лазаров.
Според него, исклучително важно е пред националниот тим да бидат поставени високи цели, за како што ќе минува времето да не се задоволуваме само со учество на европските и светските шампионати.
„Мораме да поставиме високи цели, само така може да одиме напред, иако моментната ситуација не е таква каква што ја очекувавме. Јас сум повеќе од 23 години дел од оваа репрезентација, одлично сум поврзан со националниот тим, ги познавам играчите и карактерно и верувам дека добро ќе менаџирам. Примарната цел е да имаме континуитет од настапи, а како што ќе минува времето да се обидеме и да оствариме некој позабележителен резултат, да не се задоволуваме само со учество. Јас сум убеден дека она што го прикажавме на шампионатот во Египет не е најдоброто од македонскиот ракомет во моментов, не сакам да навлегувам во причините, но знам од каде треба да почне да се поправа ситуацијата“, истакнува нов селектор.
Тој најави и одредени промени во играчкиот состав, како позитивен пример потенцирајќи го бекот на Еурофарм Пелистер, Дејан Кукуловски, кој со добрите игри на последните средби со Татабања се наметна и за место во репрезентацијата.
„Од она што го следев во изминатиот месец, ќе има одредени освежувања во списокот, како во поширокиот така и во скратениот список. Можам слободно да го пофалам Кукуловски како позитивно изненадување на последните натпревари со Еурофарм Пелистер. Секако дека постојат уште неколку играчи кои ќе добијат шанса на поширокиот список, но ќе ја следиме и ситуацијата со сите играчи, како ќе работат за да се наметнат и на скратениот список. Oна што во минатото ни недостигаше е ист систем на игра во кадетската, младинска и сениорска репрезентација, тоа е она што ќе се обидам да го сторам бидејќи со тоа ќе се олесни работата на помладите кога би влегле во сениорскиот состав“, вели Лазаров.
МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020 ЌЕ ИГРА ПОМОЌНО, ПОМОДЕРНО…
Во прв момент ќе нема премногу време за експерименти и промена во целокупната тактика, но Лазаров најавува дека откако ќе биде обезбеден пласманот на ЕП 2022 вниманието ќе биде насочено кон креирање на далеку подобра игра од она што Македонија го прикажуваше во последните години.
„Сега пред нас е двомечот со Данска, за кој реално ќе имаме само неколку дена за подготовки. Потоа пак ќе одиме по клубовите, па ќе се собереме за оние последни дуели со Финска и со Швајцарија. Во овој момент е невозможно да се извршат некои коренити промени, но верувајте дека сум свесен за она што ни недостига за да играме ракомет со кој ќе се гордееме. Само да се пласираме на ЕП 2022, потоа ќе почнеме со креирање на препознатлива игра. Еве можам да ветам дека на тој европски шампионат ќе играме помодерно, помоќно, со квалитетно издание во двата правци“, порача Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА