Лазаров: Ќе бидам и играч се додека е потребно, сакам Миркуловски кариерата да ја заврши со едно големо натпреварување

Новиот македонски селектор Кире Лазаров на првиот денешен собир за подготовките за двата квалификациски натпревари против Данска, истакна дека на стартот од селекторскиот свој предизвик секако ќе биде и играч, но се додека е потребно за остварување на краткорочните цели на националниот тим.

„Ако искрено зборувам тогаш би бил пресреќен ако не играм, па да градиме тим на младите. Но, со оглед на нашите краткорочни цели мора да се проценува кога да бидам, а кога не на терен. Подготвен сум на се. Подготвен сум затоа што и изминатите десет години секогаш бев еден вид десна рака на селекторите. Посакувам и верувам да го реализираме зацртаното“ – истакна Лазаров.

На списокот е и еден од најдобрите македонски ракометари, Филип Миркуловски, кој со доаѓањето на Лазаров на селекторската функција враќа во националниот тим по неколку години пауза.

„Се надевам и посакувам Филип Миркуловски да не престане со активно играње оваа година. Посакувам да го гледаме на ЕП. По се што даде тој за македонската репрезентација во минатото сакам да ја заврши кариерата со настап на едно големо натпреварување“ – истакна новиот македонски селектор.

Се вчитува...