Лазаров: Македонија и без мене ја очекуваат големи работи

Капитенот на ракометната репрезентација и синонимот за македoнскиот ракомет воопшто, Кирил Лазаров е свесен за значењето кое го има во националниот тим низ сите години како предводник на најуспешниот репрезентативен состав во државава. По гостинската победа и домашното реми против Исланд, исклучително значајни на патот кон следното Европско првенство и шансата која веќе ја користат новите сили во ракометот му даваат голема надеж за иднината на најпопуларниот спорт кај нас.

“Може да има добар систем и во репрезентацијата да има 30 ракометари, не мора да бидат 16 или 20. Мислам дека и кога ќе се пензионирам можеме да очекуваме големи работи, не само пласман на големите натпреварувања. Навистина го посакувам и го замислувам тоа“ – вели Лазаров.

Капитенот ја пофали играта на Талески и Кузмановски, а посебно е задоволен од левиот бек на репрезентацијата, кој според него со позитивниот пристап донел нов квалитет во националниот тим.

„На младите Талески, Кузмановски, Поповски многу им значат ваков тип на натпревари. На вакви натпревари се станува голем играч. Пофалба за нив, посебно за Филип Талески кој со самата негова позитивност ни донесе еден нов квалитет во репрезентацијата. Младите се одлични, но се разбира кај сите млади има многу варијации од натпревар во натпревар и никогаш не можеш да знаеш што може да се очекува од нив, но сепак тие се големи таленти. Има голем простор за напредок во репрезентацијата. Има многу играчи кои што можат да дадат придонес“ заврши капитенот Лазаров.

Последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство 2020 година, ракометарите ќе ги одиграат на 12. јуни во гости во Турција и четири дена подоцна на домашен терен со Грција. Македонија со две победи ќе го обезбеди првото место во групата 3, што ќе донесе подобар ранкинг во ждребот за првенството.

Се вчитува...