Лазаров меѓу петте асови што можат да испишат историја на ЕП 2020

Се ближи стартот на ЕП 2020 во ракомет, уште едно големо натпреварување на кое Кире Лазаров ќе атакува на признанието најдобар стрелец.

Македонскиот ас и следниот месец во Виена ќе биде страв и трепет за противниците, па ЕХФ сосема заслужено го смести меѓу најголемите „ѕвезди“ на шампионатот. Воедно, Лазаров е еден од петте асови на ракометниот спорт што можат да испишат нови страници во историјата на големите натпреварувања.

Македонската гол-машина веќе поседува два специјални рекорди, беше најдобар стрелец на СП во Хрватска во 2009 година со рекордни 92 гола, а во 2012 година на ЕП во Србија урна сличен рекорд со 39 погодоци. Во 2017 тој повторно беше најдобар стрелец на СП во Франција, па сега сака да стане првиот со по две вакви признанија и на европските и на светските шампионати.

Никола Карабатиќ исто така атакува на рекорди, му недостигаат 14 гола за да го стигне соиграчот од ПСЖ, Гудјон Валур Сигурдсон, кој е најдобар стрелец во историјата на европските шампионати. Ако Франција стигне до златото, Карабатиќ ќе биде првиот ракометар што не е од Шведска со четири европски круни (досега по четири злата имат Ола Линдгрен, Штафан Олсон, Штефан Левгрен, Магнус Висландер и Мартин Франдесјо).

Гудјон Валур Сигурдсон дебитираше на ЕП во 2000 година, оттогаш настапи на сите единаесет европски шампионати. Тој е најдобар стрелец на европските првенства со 270 гола, пред Карабатиќ со 256 и Хансен со 194 погодоци.

Микел Хансен исто така брка свое место во историјата, Данецот има можност да стане единствен во историјата што стигнал до злато и до МВП признанија на три големи натпреварувања во низа. Тој веќе ги има ова признанија на ОИ во Рио во 2016 и СП во 2019 година.

Доколку Франција стане европски првак, Дидие Динар ќе биде прв во историјата што стигнал до круната и како играч и како селектор. Тој беше европски првак со „триколорите“ во 2006 и во 2010 година, а сега ќе се обиде истиот успех да го повтори и како предводник на „галските петли“.

Се вчитува...