Лазаров: Мило ми е за цела Македонија, вашата поддршка многу ни значи

Кире Лазаров имаше деби од соништата на клупата на македонската репрезентација откако вечерва нашиот национален тим за првпат во историјата ја совлада Данска. Хансен, Ландин и компанија допатуваа како актуелни светски шампиони, но налетаа на македонскиот национален тим помотивиран од било кога досега, решен даа го остави срцето на терен и да покаже дека оваа селекција се уште има огромен потенцијал.

Лазаров по мечот ги пофали сите ракометари и членовите на стручниот штаб, но ги издвои оние помладите на кои им даде огромна поддршка стартувајќи го овој меч.

„Прво и најважно, сакам да им се заблагодарам на моите играчи, на сите соиграчи, за она што го покажавме на терен, за исполнувањето на сето она што го договаравме. Голема благодарност и до стручниот штаб, кој ни беше од огромна помош да се подготвиме тактички за овој натпревар. Бескрајно сум горд на сите, многу ми е мило и за младите, знам дека се оспорувани, но јас верувам во нив, затоа и го почнав мечот без дел од поискусните, затоа што знам дека во младите е иднината на оваа репрезентација. Така ќе биде и на наредните натпревари. Тие знаат да играат ракомет, ако им дадеш задачи и ги мотивираш, знаат да ги исполнат“, вели Лазаров.

Потоа, македонскиот селектор објави дека главен акцент во тактичката подготвеност за мечот бил ставен на одбраната.

„Цел живот важам за одличен напаѓач, но јасно ми е дека за добар резултат е неопходна цврста одбрана, затоа овие денови работевме само на тоа, како да делуваше што подобро во дефанзива. Среќен сум за себе, за сите нас, за цела Македонија, вашата поддршка многу ни значи на сите, што верувавте во оваа репрезентација во изминатиот период. Сепак, мораме да останеме цврсто на земја, сега ќе прославиме, а потоа ќе почнеме со подготовки за дуелот во Данска“, истакна Кире Лазаров.

Се вчитува...