Лазаров: Можеби Кувајт не е на нивото на ривалите од ЕП, но јас сум задоволен

Репрезентацијата на Македонија со победа тргна во подготовките за новото ракометно Европско првенство. Во Маврово беше совладан Кувајт (31-21), во натпревар кој понуди еднаков прв дел, но и моќна Македонија во продолжението.

По победата своето мислење го изнесе селекторот Кирил Лазаров.

„Не ми е толку важен резултатот, колку пристапот на ракометарите. Тоа што го договаравме и го спроведовме. Сметам дека за играчите ова е поттик за подготовките да работиме уште понапорно. Треба да ги задржиме добрите, а отстаниме негативните работи и да напредуваме. Не може да не понесе еуфорија, цврсто стоиме на земја и знаеме што не очекува. Не можеме да ги споредиме Кувајт со Словенија, Црна Гора и Данска, тоа се два различни света. Знаев дека ќе одиграме квалитетно и со голем жар, бидејќи го увидов тоа во тренинзите“, смета Лазаров

Македонија продолжува да се подготвува во Маврово. За два дена следи нов тест со Кувајт, додека во новата година ќе се одиграат и две пријателски средби со Израел.

Се вчитува...