Лазаров најефикасен, но Нант потклекна пред Киелце

Кире Лазаров и Нант се наоѓаат пред елиминација од Лигата на Шампионите откако го загубија првиот осминафинален дуел против Киелце, и тоа на домашен терен со 24-25. Двата тима одиграа одличен ракомет, но на крајот како пресуден се покажа блесокот на Андреас Волф во второто полувреме што му донесе пресврт на составот на Киелце.

Нант беше подобар противик во голем дел од првото полувреме, тимот на Лазаров повее со 7-5, потоа и со 9-6, а имаше и позитива од 12-9. Францускиот тим делуваше како целосно да го контролира мечот, а Душебајев пред крајот на полувремето намали на 14-12, како најава за фуриозниот старт на вториот дел на Киелце во кој полскиот првак постигна уште три погодоци и напави целосен пресврт.

Алекс Душебајев ја презеде одговорноста во нападот на полскиот шампион, на голот почна да блеска Андреас Волф, што му овозможи на Киелце да поведе со три гола разлика (16-19). Нант успеа да се врати, па токму со голот на Лазаров и да стигне до израмнување од 22-22. Сепак, во клучните моменти повторно блесна Волф, кој во последната минута му одбрани и пенал на Ривера, па Киелце го доби овој драматичен натпревар со 24-25.

Кире Лазаров со пет гола беше прв стрелец на својот тим заедно со Пешмалбек, додека најефикасни во редовите на Киелце беа Алекс Душебајев со осум, пред Кулеш и Фернандез со по четири погодоци.

Се вчитува...