Лазаров: Направив многу грешки, но издржав на 42 години да одиграм цел натпревар

ЕКИПА во Букурешт,
Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација се пласираше во вториот бараж за пласман на Светското првенство 2023 година во Полска и Шведска. И покрај поразот од Романија (24-22) „црвено-жолтите“ си закажаа двобој со Чешка во април.

Селекторот на репрезнентацијата, Кирил Лазаров вели дека не одиграле тие толку лошо, колку што селекторот на Романија, Чави Пасквал поставил неверојатна одбрана која ја играл своевремено и во Барселона.

„Паски не не изненади со ништо. Дефанзивата што ја постави ми беше позната од Барселона. Специфична дефанзива е тоа и многу е тешко да се постави напад со таа дефанизава која ја користеше во полуфиналето со Хамбург во Лига на шампиони. Голема работа е што поминавме бидејќи ова е сериозна репрезентација со многу сериозен тренер кој знае што сака. Можеби сум некогаш преголем оптимист и нереален бидејќи сакав да победиме и мислев дека можеме. Не бевме ние толку слаби колку што беа тие добри дефанзивно. Бевме блиску до победата, но тоа треба што побрзо да го заборавиме. Треба да направиме анализа што беше добро, што лошо. За три недели не чека двобој со Чешка. Ги знам момците како колеги како другари, како фамилија. Друг е односот сега, сепак јас сум одговорен како селектор. Мислам дека сме на добар пат имаме уште многу потенцијал. Најважно е сега да се мобилизираме бидејќи се работи за Македонија и за спортот број еден во државата, да го одржиме континуитетот и со неколку искусни играчи да ја направиме таа промена на генерации“, вели Лазаров. 

Лазаров вели дека знаел дека ќе мора да игра цел меч поради отсуството на некои играчи, но си рекол дека мора да издржи на 42 години да одигра цел меч.

„Знаев дека ќе морам да играм цел натпревар. Немавме алтернатива и немаме такви типови на играчи. Едноставно реков дека ќе издржам. Направив многу грешки, но на 42 години, шеесет минути… Не ви беше убав за око натпреварот, но така требаше да одиграме. Некои момци ги вкочани атмосферата и не беа полетни и расположени. Мора да се држиме на нашиот систем без разлика како е во салата. Целта е остварена и тоа е најважно“, заврши Лазаров. 

Се вчитува...