Лазаров: Направивме подвиг, клуб што постои три години стигна до европско финале

ЕКИПА во Атина,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров ќе го предводи Алкалоид во првото европско финале во клупската историја, во неделниот дуел против АЕК што ќе се игра во Атина со почеток во 18 часот по македонско време.

Алкалоид покажа дека е посилен од сите проблеми, па и без Митев и Ѓоргиев стигна до билет за финалето, а Лазаров и неговите избраници се подготвени за да сторат се за да стигнат до трофејот. Сепак, македонскиот стратег има огромен респект и за утрешниот противник, екипа со искусни и квалитетни ракометари во своите редови.

„Можам да кажам дека сме подготвени, нема што да се лажеме, мораме да сме подготвени кога играме вака важен натпревар. Повторно сме десеткувани, ќе ни недостигаат неколку првотимци, но таа ситуација ја имавме и пред Баја Маре и пред Рунар во Норвешка, така што сме навикнати… Направивме подвиг, во три години колку што постои клубот стигнавме до едно европско финале, пред нас е противник од светски калибар. АЕК има ростер од 23 играчи, од кои 17 се интернационалци, и тоа не било какви, Французи, Португалци, Германци… АЕК веќе го има освојувано овој трофеј, има играно финале, има искуство од играње мечеви за пехар во ова натпреварување“, истакнува Лазаров.

Според него, многу важно ќе биде да се издржи почетниот притисок од трибините и да не се дозволи грчкиот тим да се одлепи резултатски во раната фаза од натпреварот.

„Знаеме дека ќе имаат поддршка од трибините, дека го преселија финалето во една поголема арена. Се подготвуваме и за една таква атмосфера, се со цел да не подлегнеме на притисокот од трибините. Многу е важно првите 15 минути да ги одиграме онака како што знаеме, да не дозволиме домаќинот да се одлепи. Екипата е подготвена, мотивирана, имаме желба и знаење, можеби сме малку неискусни за финални натпревари, пробуваме да работиме и на тој психолошки план, верувам дека ќе се покажеме во добро светло и ќе стигнеме до резултат каков што посакуваме“, вели Кире Лазаров.

Се вчитува...