Лазаров: Нема опуштање…, ние сме победници и сакаме победи против Финска и Швајцарија

Македонската ракометна репрезентација ја очекуваат последните два квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2022. Веќе во среда, избраниците на Кирил Лазаров гостуваат во Финска а последниот натпревар, во недела, го играме на домашен терен против Швајцарија.

Селекторот Лазаров денеска го имаше првиот собир, пред утрешното заминување за Финска. Свесни се во националниот тим дека задачата околу пласманот на ЕП е веќе завршена, но ниту најмалку не смее да има опуштање. Желбата е со две победи да се заврши квалификацискиот циклус.

„Колку и да сме свесни дека во голема мера сме пласирани на ЕП, ние како стручен штаб нема да дозволиме опуштење. Ние сме победници и сакаме да победуваме, имаме голема желба, љубов, ентузијазам за работа и тоа ќе не води на секој натпревар. Максимално сериозно пристапуваме на овие два дуели и покрај тоа што нема многу време затоа што веќе утре заминуваме на пат за Финска. Но, искусни сме при едни вакви ситуации“ – истакна Лазаров на првиот репрезентативен собир, веднаш дополнувајќи:

„Веќе ги анализиравме Финците и знаеме со што ќе се соочиме во среда. Не може да не изненадат, повеќе или помалце сме подготвени за тој натпревар затоа што веќе фативме и рутина на системот во кој играме. Ја прифаќаме фаворитската улога против Финска, треба да се испочитуваме самите себе, ние сме ракометна нација, и клупски и на репрезентативно ниво, и така треба да се поставиме и секој да си го преземе својот дел од одговорноста, прво јас како селектор а потоа и секој од играчите. Не треба да се посомневаме дека Финска треба да ја победиме, иако носиме огромен респект за нив и нивниот ракомет“.

Селекторот на Македонија уште еднаш потврди дека оваа репрезентација има краткорочни и долгорочни цели кон кои се придржува.

„Кажав дека ние одиме секако на секој натпревар да победиме, тоа е важно за нас. Но, исто така, согласно долгорочните цели, одиме и преку секој одигран меч да создаваме и нови ракометари за иднината. Затоа што свесен сум дека на Европско првенство со краток ростер можеби физички ќе издржиме прв круг, но се понатака би било апсолутно тешко. Затоа одиме на проверка на што повеќе млади ракометари, и веќе од четврток ќе ни се приклучат и Павле Атанасијевиќ, Кукуловски и Цветановски, и ќе имаме 24 играчи кои ќе ќе мора да ги градиме за нашата ракометна иднина, иако сме свесни дека тоа воопшто нема да биде лесен процес“ – вели Лазаров.

Се вчитува...