Лазаров: Несоодветниот тренажен процес на младите ракометари во текот на годината се гледа на вака силни натпревари

ЕКИПА во Ниш,

Стеван Цаневски

Македонската репрезентација, за разлика од вчерашниот прв тест, загуби убедливо на вториот контролен натпревар од селекцијата на Србија во Ниш.

Селекторот Кире Лазаров во Ниш тестираше единствено млади ракометари од домашната Суперлига кои се потенцијал за настап во националниот тим. Но, на денешниот дуел имаше повеќе незадоволителни нешта, кои се последица и на начинот на тренажен процес во домашните клубови.

„Јас постојано напоменувам дека на момците им недостасува активен, континуиран тренажен процес во клубовите. Бев свесен дека нема да може во помалку од 24 часа да одиграат два натпревари на високо ниво, и тоа денеска и се потврди. Недоволната физичка подготовка од текот на годината на играчите не им дозволува да одиграат како што посакуваме. Многу технички грешки, очигледен замор, деконцентрација, промашени многу зицери и нашите голмани имаа само една одбрана во второто полувреме, онаа во 59. минута, со однос на 18 одбрани на противничките наспроти нашите со само пет одбрани. Сето тоа кажува зошто резултатот е таков каков што е“ – изјави Лазаров за ЕКИПА веднаш по денешниот дуел, притоа дополнувајќи:

„Но, ова е огромно искуство за овие млади момци и јасно е дека ова е еден долг процес на изградба на ракометари какви посакуваме. Од овие два натпревари видов што може да очекувам од одредени ракометари пред Европското првенство. Мислам дека добивме три-четири ракометари на кои ќе може да сметаме во блиска иднина, иако тоа секако ќе зависи и од самите нив. Видов и некои нешта кои не ми се допаѓаат, но беше важно да одиграме пријателски натпревари со една врвна селекција предводена од врвен селектор и од аспект, апсолутно овие тестови си ја исполнија целта“.

Се вчитува...