Лазаров: Од секој аспект сме подобри од Украина…

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров е предводник на македонската репрезентација на сите големи натпреварувања, одржувајќи го континуитетот уште од 2012 година. Капитенот ги пропушти контролните натпревари во последните денови во Словенија, но сега е максимално подготвен за настап на овој европски шампионат. Според Лазаров, Македонија не треба да бега од фаворитската улога против Украина, но истата ќе мора да се потврди на теренот на „Штадхале“.

„Мислам дека сме спремни за почетокот на овој европски шампионат. Пред нас имаме противник со кого неодамна се сретнавме во еден квалификациски циклус. Мислам дека од секој аспект сме подобри од Украина, како на индивидуален, така и на колективен план. Имаме подобра традиција, повеќе настапи во последните десетина години на големите натпреварувања. За мене нема дилеми дека сме поквалитетни, но сето ова што го кажав ќе мора да го потврдиме на терен. Знаеме дека во спортот се можни изненадувања, најважни се двата бода, дури и доколку одиграме нешто послабо најважно од се ќе биде да победиме. Сакаме да стигнеме до тие два бода кои потоа ќе ни бидат од големо значење во натамошниот дел од првенството“, изјави Лазаров.

Македонија и Украина се сретнаа во групата од квалификациите за ЕП 2018, Лазаров постигна 12 голови во победата од 27-21 во Скопје, а потоа уште осум пати ги совлада украинските голмани на мечот одигран на гостински терен што заврши со нерешени 27-27.

Се вчитува...