Во најновиот спортски подкаст „ПРЕСИНГ“, двете македонски спортски легенди го откриваат својот дел од приказната поврзана со еден од најголемите спортски гиганти во светот, Барселона.
Кире Лазаров ја открива приказната како заврши во дресот на Барселона, клуб кој бил негов сон уште со стартот на ракометната кариера, а Дарко Панчев за одлуката да го Јохан Кројф да се пресели во Каталонија во 1992 година, но и начинот на кој, тогаш најголемата ѕвезда на Барселона, Христо Стоичков, ја убедувал македонската „Кобра“ да ја прифати понудата.
„Мојот ракометен сон беше сон еден ден да стигнам до Барселона. И, уште откако се разделив со Загреб, некако комплетните мои мисли беа насочени кон Шпанија“ – ја почнува приказната Лазаров и дополнува:
„Поради финансиски проблеми на Загреб морав да го напуштам клубот, па во продавање, препродавање, во секое лошо има добро, и се јави Суидад Реал. Тоа значеше дека го почнувам патот таму каде што сакав, кон Шпанија. Во Суидад Реал се докажав три години, го научив тој нивни шпански систем, а потоа повторно и тој клуб западна во финансиски проблеми и Барселона ја искористи можноста, веќе имаше на тацна еден готов играч. Така да, стигнав до Барселона, остварувајќи се мојот сон. Барселона е институција во ракометот. Мислам, тоа е посебно чувство. Јас бев и навивач инаку и на фудбалскиот клуб – „барселонист“, па секако уживав во тие четири години коишто ги поминав таму. А, потоа веќе имав 37 година. Посакував по секоја цена да останам во клубот, па таму и да ја завршам кариерата, но во Барселона имаат политика околу годините, без разлика колку и да си добар или лош, на таа возраст – толку. Па, неизбежно се разделивме. Но, трансферот во Барселона секако е моја најдобра одлука во кариерата“.
Но, приказната на Дарко Панчев е малку поразлична. Најдобриот македонски фудбалер во историјата, кој претходната 1991 година ја освои „Сребрената топка“ на ФИФА како втор најдобар фудбалер во светот таа година, во 1992 година има директна понуда од легендарниот Јохан Кројф да го облече дресот на Барселона. Но, го одбива и се одлучува за Интер. И, како што вели, ќе погреши…
„Кире направи добар потег со трансферот во Барселона, го послуша срцето. А мене Јохан Кројф (тогашниот тренер на Барселона, н.з) ме бареше да одам во Барселона, но јас не прифатив. И тоа со таа генерација на Христо Стичков, на Бакеро, на Гвардиола, Зубизарета, Лаудруп, Салинас… Погрешив. 100% погрешив. Место да одам во Барселона се одлучив за Интер. Се сеќавам, во 1992 година игравме во Софија против Сампдорија во Купот на европските шампиони, бидејќи Црвена Звезда беше казнета и не можеше да игра на домашен терен. И Христо Стоичков беше таму, имал слободно од Барселона, не играл таа недела, па дојде во Софија и пиевме кафе во хотелот каде што бевме сместени. И тој слушнал дека се „шушка“ дека ме бараат во Барселона, и Христо ми вика: ‘Ела си при нас…. Ние ќе центрираме, ти само ќе ги клаваш головите’. Но, не прифатив, и направив грешка“ – вели Дарко Панчев.
Токму таа 1992 година Барселона стигна и до трофејот во Купот на европските шампиони, победувајќи ја продолжение во финалето токму Сампдорија со Вијали, Манчини, Катанец, Верховот… Црвена Звезда, пак, и таа 1992 година, откако претходната година ја освои европската круна заврши во најдобрите четири екипи во Европа.
=============================================
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ СО ДАРКО ПАНЧЕВ“…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА