ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров е подготвен за предизвиците што ги носи главната фаза од СП 2025 што почнува денеска, откако Македонија прикажа одлични игри во првиот дел од мундијалот.
„Среќни сме и задоволни што одигравме квалитетна прва фаза и се пласиравме во главната ринда каде не очекуваат нови три натпревари против Австрија, Катар и Франција. Размислувавме и анализиравме, треба да бидеме задоволни, но исто време треба да бидеме свесни дека имаме наши слаби страни кои што ние ги знаме. Колку противникот поспоро ги открие толку ќе биде подобро за нас. Како што поминува првенството, доаѓаат уште посериозни репрезентации кои знаат што сакаат во секој момент од мечот. Малку сум претпазлив. Како одите понапред патот е потежок. Од друга страна сме задоволни бидејќи се направи добра атмосфера, добра кохезија, најважно е што се боревме, го дадовме максимумот. Можеби таа наша борба заедно со нашите навивачи ги прикри тие наши слабости. Сакам да кажам дека има уште резерви, дали истите ќе успееме да ги подобриме ќе видиме“, изјави Лазаров.
Тој се осврна и на предизвикот што го носи денешниот дуел со селекцијата на Австрија.
„Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од мечот. Двајца важни играчи им повредени што е секако плус за нас, ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и доста сме претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ќе биде тешко, исцрпно… Мора да бидеме физички и ментално спремни, треба да го одработиме мечот квалитетно. Што се однесува до навивачите мора да ветиме дека ќе бидеме борбени, се надевам дека македонските навивачи ќе дојдат, можеби не во толкав број како од групната фаза, тие ќе бидат наша додадена вредност. Ние секогаш очекуваме победа, некогаш сме реални некогаш не, но затоа тренираме“, вели македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА