Лазаров по победата над Кувајт: Играчите покажаа карактер и беа фокусирани до самиот крај, сега имам јасна слика

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров по победата денеска над Кувајт искажа задоволство од натпреварот, од реакцијата на играчите кои покажале карактер и се бореле до самиот крај. Како што вели Лазаров, и да бил поинаков исходот, немало да има очајување.

„Мислам дека резултатот од првиот натпревар не беше реален. Кувајт е добро истренирана екипа, предводена од еден стратег како Борис Дениќ, кој веќе работи таму еден подолг период. Ние трениравме максимално напорно вчера, а дури и денеска наутро. За нашите млади играчи овој натпревар беше едно големо искуство. Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме. Имам јасна севкупна слика. Се соочуваме со проблеми со повредени играчи и се надевам дека ќе се опорават побрзо. Утре сабајле и попладне продолжуваме со напорната работа“

„Важно е играчите да бидат фокусирани до самиот крај и покажаа карактер, тоа е позитивна работа. Победникот не се знаеше до последната секунда. Видовме како регираат некои играчи во неизвесни завршници. Имаме време да исправиме доста работи по новогодишните празници“, рече Лазаров.

Селекторот и капитен искажа благодарност до Миркуловски, Пешевски и Кузмановски кои и покрај тоа што требало да имаат одмор, тие се приклучиле на селекцијата.

„Морам да искажам голема благодарност до Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски, кои ни се приклучија веднаш по завршувањето на нивните клупски обврски. По некое непишано правило заслужуваат одмор барем до 2.јануари и тоа само покажува колку се подготвени да се жртвуваат за македонскиот дрес. „На крај морам да кажам дека сум задоволен од тоа како момците ги одработија подготовките во Маврово“, рече Лазаров.

Се вчитува...