Лазаров пред ЕП: Бев подготвен за корона-проблеми, без бело знаме против фаворитот Словенија

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров е подготвен за своето селекторско деби на големите натпреварувања, откако македонскиот капитен во Дебрецин ќе ја има и улогата на предводник на стручниот штаб на „црвено-жолтите“. Лазаров имаше деби од соништата на кормилото на националниот тим со победата над Данска, резултат што дава за право со оптимизам да го дочекаме и овој европски шампионат.

Тој се осврна и на проблемите со коронавирусот со кои се соочи непосредно пред тргнувањето за Унгарија.

„Бевме спремни на такво сценарио бидејќи веќе втора година по ред живееме во такви услови. Едноставно јас се спремивпсихолошки како да изреагираме ако ни се случат позитивни случаи. Сигурно не ни е сеедно, но немаме друг избор, тоа е што е, треба да го прифатиме, некои репрезентации имаат поголеми проблеми од нас, треба да се адаптираме и да не губиме енергија на такви работи. Мислам дека сме добро спремни и треба да го заборавиме тој момент и да се подготвиме за она што не очекува од утре па понатаму“, изјави Лазаров.

За разлика од ФРанцузите и Србите и нивните критики за организацијата во Сегедин, такви проблеми немаат во нашиот табор.

„Јас ги прочитав тие информации за Сегедин. За разлика од таму, мислам дека ние имаме мир, сами сме во хотелот заедно со Данците и со Словенците. Сите сме во поединечни соби за што подобро да се изолираме и да се заштитиме од коронавирусот“, истакна македонскиот селектор.

Лазаров се осврна и на утрешниот дуел со Словенија, ривал што ќе ја има фаворитската улога во Дебрецин.

„Словенија е една силна репрезентација, со играчи кои настапуваат во Кил, Барселона, Веспрем… тоа кажува многу. Тие работат квалитетно со врвни тренери низ целата година. Селекторот на Словенија е во една голема предност бидејќи има на располагање комплетни ракометари со кои потоа само работи на детали. Што е тоа е, ние сме Македонија, знаеме на што сме и сигурно нема да се предадеме, сигурно нема да излеземе со бело знаме. Ние имаме желба да се пласираме во вториот круг, тоа би бил голем успех за нас со оглед на ждрепката и групата што ја добивме. Ова е процес на градење на нова, подмладена репрезентација, која ќе ја наследи онаа старата и уште десет години ќе ги брани боите на Македонија. Ние знаеме што сакаме, подготвени сме, но дали тоа ќе биде доволно за триумф над Словенија, тоа ќе го видиме утре на терен “, изјави Лазаров.

Се вчитува...