Селекторот Кире Лазаров се обидува да го наметне својот победнички менталитет врз подмладениот состав на македонската ракометна репрезентација. Еден од тестовите за тоа ќе биде неделниот дуел против Швајцарија, кој нема преголемо резултатско значење за нашиот национален тим, но Лазаров најавува борбена игра и триумф за големиот верски празник Велигден.
„Работиме во одлична атмосфера, верувам дека на сите ќе им биде од големо значење да излеземе на терен и да ја победиме Шајцарија. Јас веќе им кажав на ракометарите – Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација, која на последното СП им направи проблем на сите големи селекции. Тоа не е истата репрезентација што ја победивме во октомври на гостински терен, имаат многу промени во сите делови на ракометната игра, како во составот, така и на тактички план. Ова е голем предизвик и за нас како стручен штаб, да се подготвуваме за квалитетни селекции како што е Швајцарија. Сакаме ете за душа за велигден да дадеме сѐ и да одиграме еден квалиететен меч, за да победиме и триумфално да го завршиме овој циклус“, изјави македонскиот селектор.
Тој се наврати и на дуелот со Финска од пред неколку дена, на кој Македонија долго се мачеше, но во последните петнаесетина минути го скрши отпорот на противникот.
„Во прв момент имав чувство дека одигравме лош меч, но откако двапати го прегледав натпреварот слободно можам да кажам дека мој заклучок е дека одигравме добар меч и офанзивно и дефанзивно, во сите сегменти на ракометната игра. Искрено бев изненаден, а тоа и на состанок на играчите им го кажав по мечот и им се извинив, откако увидов дека одигравме квалитетен меч. Проблем беа промашените зицери, не реализиравме шест пенали, од вкупно 12 изборени, а некој доби ќотек за да го добиеме тој седмерец. Имаше и промашени чисти шутеви, но кога ќе се направи комплетна анализа верувам дека одиграме коректен и добар натпревар, а потфрливме само во реализацијата. Тоа е она на што ќе работиме да го подобриме за дуелот со Швајцарија“, најави Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА