Лазаров: Секогаш тежнеам по најголемите предизвици, сите рекорди сезонава не се случајни

Најдобриот македонски ракометар во историјата и актуелен селектор, Кирил Лазаров повторно е во фокусот на ракометна Европа откако со својот Нант го елиминираше Киелце во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Малку кој очекуваше, по поразот на првиот меч во Нант, дека Французите ќе имаат сили за изненадување. Но, предводени од Лазаров ги „скршија“ Полјаците за извонреден успех.

„Духот, ентузијазмот и самодовербата не однесоа до победата против Киелце кој беше кандидат и за Ф4 во Лигата на шампионите. Запишавме уште една страница во историјата на клубот. Никој не очекуваше да го постигнеме овој подвиг во Полска, но ние верувавме во себе. Да бидеме искрени, заслуживме да победиме уште во првиот натпревар на домашен терен, но тогаш направивме многу грешки кои не чинеа победа“ – вели Лазаров во разговор за француските медиуми.

Македонскиот селектор оваа сезона бележи и бројни европски и светски ракометни рекорди кои доаѓаат по многу оставена пот на терените.

„Секогаш во кариерата сум си поставувал високи цели. Тежнеам по најголемите предизвици. Рекордите се производ на напорната работа и труд низ целата моја кариера. Ако се направи една анализа заклучокот е дека ниту еден од тие успеси не се случајни“ – истакнува Лазаров.

За македонскиот селектор сега со Нант останува уште Веспрем на патот до Ф4-турнирот во Лигата на шампионите.

Се вчитува...