Лазаров со Нант прокоцка победа во Целје

Кире Лазаров со Нант испушти победа на гостувањето во Словенија против Целје Пивоварна Лашко и на крај мораше да се задоволи само со бод 29-29, во завршниот натпревар од есенскиот дел во групата Б од Лигата на шампионите.

Актуелниот европски вицешампион во поголем дел имаше контрола на играта и на резултатот. Целје држеше чекор само во првите минути од средбата, до последното изедначување на 9-9, а потоа Нант направи серија од 6-1, се одлепи и беше во позитива до последната минута, но лошо одигра во финишот и ја испушти победата.

Францускиот тим во второто полувреме стигна и до највисоки +7 (20-27), но, попушти во финишот и му дозволи на Целје да ја стопи разликата. На две минути пред крај домаќините дојдоа на гол разлика (28-29), а во истекот на последните секунди и до изедначување на 29-29.

Лазаров го заврши натпреварот со четири гола од девет обиди, а најефикаен во составот на Нант беше Флоријан Делекруа со шест гола. Во тимот на Целје, прв стрелец беше Бранко Вујовиќ со пет гола.

По првиот дел од сезоната во ЛШ, Нант ќе презими на четвртата позиција на табелата со 9 бода, еден помалку од третопласираниот Фленсбург. На првите две места во групата Б се ПСЖ со 18 и ПИК Сегед со 15 бода.

Се вчитува...