Лазаров: Знаеме колку е опасен Вардар, сите видоа како го „размонтира“ Фленсбург

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Сосема очекувано, Македонците Кире Лазаров и Борко Ристовски се најдоа во фокусот на нашите новинари за време на средбата на каталонскиот гигант со претставниците на медиумите ширум Европа. Како Ристовски, исто така и Лазаров со огромен респект гледа на квалитетот на „црвено-црните“, кои според него ќе бидат многу незгоден противник на утрешното полуфинале.

Сите четири тима кои се дојдени овде најавуваат не само пласман во финалето, туку и атак на трофејот, што сметам дека е добро бидејќи амбициозноста на вакви големи натпреварувања е многу значајна работа. Свесни сме за квалитетот на противникот, ако треба да издвојам една работа кај Вардар тоа е неверојатната самодоверба што ја има македонскиот тим. Како нешто посевежно, видовме како во два натпревари Вардар го размонтира Фленсбург, тим што се бореше за титулата во Бундес-лигата до последното коло. Носени на крилјата од тие победи „вардарци“ сигурно со оптимизам ќе влезат и во дуелот со нас и ќе треба да сториме се за да ги неутрализираме и да ги исфрлиме од ритам“ – истакна Лазаров.

Да се биде дел од фајналфор турнирите не е ништо ново за капитенот на македонската репрезентација, кој годинава ќе се обиде да стигне до својата втора европска титула во кариерата.

Секогаш е посебно да си овде, со огромен број на новинари од многу земји ширум Европа, потоа и навивачи на сите тимови кои се шетаат низ хотелот каде сме сместени. Тоа е невообичаено, но е дел од шармот на овој фајналфор, исто така е и нешто на кое дел од екипите можеби и не се навикнат и ќе треба експресно да се адаптираат. Ние како Барселона секогаш чувствуваме притисок бидејќи целта е на секој натпревар да се победи, а за мене лично тоа е добра работа бидејќи ако нема притисок, тоа значи дека не сум заинтересиран. Вака, мотивацијата и фокусираноста дефинитивно е на највисоко ниво“ – порачува Кире Лазаров.

„Македонскиот бомбардер“ за противник ќе го има шампионот на својата земја, но како што и претходно најави – професионализмот кај него ќе биде на највисоко ниво, бидејќи приоритет му е освојување на титулата со Барселона.

Јас имам огромен респект за Вардар, кој ццелосно заслужи да биде дел од овој собир бидејќи никој не стигнува „на среќа“ на фајналфор. Секако дека ми е мило што македонски тим стигнува до Келн, но од друга страна, јас сум професионалец и овој викенд имам само една желба – да стигнам до пехарот со Барселона“ – вели Кире Лазаров.

Се вчитува...