Лазо Мајнов претставен за нов извршен директор на РК Бутел

Ракометниот клуб Бутел Скопје денеска го промовираше Лазо Мајнов за нов извршен директор како и член на Управниот Одбор на клубот. Некогашниот македонски репрезентативец, кој сега има 41 година, заврши со активното играње ракомет во 2018 година во Ал-Наср од Дубаи.

Зад себе десниот бек има богата кариера и ги носеше дресовите на романскиот Одорхеи, норвешкиот Елверум, белорускиот Мешков Брест, францускиот Трембле, хрватскиот Загреб, а на домашна сцена играше за Вардар, Металург и Еурофарм Работник.

„Сакам да се заблагодарам на управата на клубот за довербата која ми ја дадоа да бидам извршен директор на Бутел Скопје. Драго ми е што после пауза од четири години се враќа во ракометот во друга функција и тоа во клубот во кој ги имав првите чекори во ракометот. Ќе се залагаме во општина Бутел да отвориме школи во секое училиште за да го подигнеме ракометот со млади и нови таленти“, изјави Мајнов.

Претседателот Влатко Тасевски го објасни ангажманот на некогашниот десен бек.

„Целта на ангажманот на Мајнов ни е да ја зголемиме управувачката структура во клубот, со цел подобри резултати, подобри услови и популаризација на ракометот на територија на општина Бутел. Планот ни е да отвориме школи за младински категории во три населби – Бутел, Радишани и Визбегово. Како клуб којшто се грижи за иднината на младите, преку ракометот тие ќе имаат можност да развијат физички вештини, да вежбаат, да се дружат, да се забавуваат, да научат што е тимска работа, да научат да играат фер и да ја подобрат својата самодоверба. Во однос на првата екипа, плановите се место во ТОП 3 во Суперлигата и чекор напред на европска сцена“, изјави претседателот Влатко Тасевски.

Се вчитува...