Леао не е она што беше, Милан сега прифаќа и позајмица

Не така одамна Рафаел Леао важеше за еден од најпосакуваните фудбалери на пазарот, играч проценет на 100 милиони евра од својот клуб Милан.

„Росонерите“ одбиваа по 80 милиони без размислување, од Барселона и од Премиер-лигата, а од сегашен аспект сигурно и жалат за таквиот став. Леао има сериозен пад во формата во последните две години, а на почетокот од летово најави дека е подготвен да си замине од „Сан Сиро“ во потрага по нов предизвик во кариерата.

Милан ја спушти цената на 60 милиони евра, но и италијанскиот гигант и самиот фудбалер останаа шокирани откако за еден месец не беше добиена ниту една конкретна понуда, макар блиску до сумата што ја бараат „росонерите“.

Во клубот владее разочарување, но целта е сепак Леао да биде продаден и да се ослободи простор во буџетот за плати. Затоа, „росонерите“ испратиле порака дека сега се подготвени да прифатат и опција на едногодишна позајмица, но само доколку има и клаузула за задолжителен откуп за следното лето.

Вкупната сума што Милан ја бара за позајмицата и задолжителниот откуп изнесува 50 милиони евра, па останува да се види дали оваа промена во ставот ќе придонесе да се појават тимови што ќе тргнат во офанзива за потписот на крилниот офанзивец.

Се веруваше дека тоа може да биде Астон Вила, но премиерлигашот го избра Гарначо пред Леао, па сега Галатасарај делува како најреална опција, откако турскиот гигант покажа првичен интерес, но се уште нема испратено официјална понуда до „росонерите“.

Се вчитува...