Леброн Џејмс ги одведе Лос Анџелес Лејкерс во финалето на Запад (ВИДЕО)

Лос Анџелес Лејкерс ќе се борат за пласман во финалето на НБА лигата преку финалната серија на Запад во која се пласираа добивајќи го со 4-1 во победи полуфиналето на Конференцијата против Хјустон. Во натпреварот број пет, „лејкерс“ славеа со 119-95 и го обезбедија првото конференциско финале по пауза од 10 години.

Леброн Џејмс кој со 29 поени беше најзаслужен за триумфот, токму во тие десет години додека „лејкерс“ чекаа конференциско финале, има девет пласмани во финале на конфереција, ова му е прво на Запад. Во последнава декада, Леброн не успеа да се пласира во финале на конференција само минатата година, првата од одисејата во ЛА Лејкерс.

Покрај Џејмс, кај „лејкерс“ одлични партии имаа и Кајл Кузма со 17 и Маркус Морис со 16 поени. Ентони Дејвис имаше дабл-дабл ефект од 13 поени и 11 скока. Кај Хјустон, вообичаено прв стрелец беше Џејмс Харден со 30 поени. За противник во финалето, „лејкерс“ го чекаат победникот од полуфиналната серија меѓу Лос Aнџелес Клиперс и Денвер во која „клиперс“ водат со 3-2. На Исток в среда, Бостон и Мајами ќе ја почната финалната серија.

Натпреварот имаше и историски димензии за Леброн Џејмс кој стана единствениот во историјата на НБА лигата покрај Оскар Робертсон кој има над 250 поени, над 100 скока и над 80 асистенции во првите 10 натпревари на една плеј-оф кампања. Леброн и Дејвис во тандем комбинирано имаат 542 поени, 212 скока и 129 асистенции и со тоа се само третиот тандем во историјата на Лигата  кој успеал да ги надмине бројките од над 500 поени, 200 скока и 100 асистенции.

 

 

Се вчитува...