Леброн го реши Портланд, Оклахома ги приземји „ракетите“

Леброн Џејмс реши да ги преземе работите во свои раце и да не дозволи ЛА Лејкерс да бидат повторно изненадени од Портланд. „Кралот Џејмс“ беше во главна улога на синоќешниот трет натпревар од оваа плеј-оф серија, постигнувајќи 38 поени, 12 скокови и 8 асистенции во триумфот на „езерџиите“ од 116-108. Ентони Дејвис исто така беше на посакуваното ниво стигнувајќи до дабл-дабл од 29 поени и 11 скокови, а Колдвел-Поуп придонесе со 13 поени во овој триумф, со кој лејкерси поведоа со 2-1 во серијата.

Пресудна беше очајната одбрана на Портланд во третата четвртина, во која противникот постигна дури 40 поени (40-29) и си го трасираше патот кон победата. Лилард реализираше 34 поени, Меколум постигна 28, но и тоа беше премалку за повторно да се изненади големиот фаворит.

Најнеизвесно беше на дуелот Оклахома Сити – Хјустон, на кој тимот на Оклахома дури по продолжение триумфираше со 119-107, намалувајќи ја негативата на 1-2 во оваа плејоф-серија. „Ракетите“ тотално потфрлија во продолжението, постигнувајќи само три поени во дополнителните пет минути во кои брилијантен беше Крис Пол. Тој воедно беше и најефикасен во таборот на Оклахома со 26 поени, Галинари постигна 20, додека прв стрелец на Хјустон очекувано беше Харден со 36 поени. Расел Вестбрук не се појави на теренот ниту на овој трет натпревар од плејофот, поради повредата што го мачи плејмејкерот на Хјустон.

Се вчитува...