Леброн победува со Лејкерс, за Кливленд нема „лек“

Леброн Џејмс со 28 поени го предводеше Лос Анџелес Лејкерс до четвртата сезонска и втора последовна победа. Составот од „градот на ангелите“ го победи Портланд со 114-110 и го оствари првиот триумф во меѓусебните дуели по 16 натпревари без успех или по пауза од цели 1706 дена.

Ражон Рондо постигна 17 поени во триумфот, Кајл Кузма и Џавал Мекги имаа по 12. Кај Портланд за кого ова беше само трет пораз сезонава, Демијан Лилард и Си Џеј Мекалум постигнаа по 30 поени. Лејкерс сега имаат биланс 4-6, а Портланд е на 6-3.

Очајниот Кливленд никако не може да се опорави од заминувањето на Џејмс. Вицепрвакот го запиша и осмиот сезонски пораз откако загуби убедливо од Шарлот со 126-94. Џереми Лемб со 19 поени беше лидер во победата на „Хорнетс“. Кај Кливленд Џеј Ар Смит беше прв стрелец со 14 поени. Кливленд е закован на дното на источната конференција со ефект 1-9. Шарлот пак со биланс од 5-5 е на шестата позиција во оваа конференција.

Во дербито на источната конференција, Индијана го победи Бостон со 102-101, а погодокот за триумф на 47 секунди пред крајот го постигна Виктор Оладипо. Бекот на Пејсерс одличната партија ја заокружи со победничката тројка и го обезбеди седмиот триумф во десетте одиграни натпревари за неговата екипа. За Бостон ова беше прекин на серијата од четири последовни победи. Бостон е на третата, а Индијана на четвртата позиција на Истокот.

Хјустон најавува будење. Ја забележа втората последовна, а трета вкупно победа сезонава со успехот против Чикаго од 96-88. Тандемот Џејмс Харден-Кармело Ентони беше најзаслужен за победата. Харден постигна 25, а Ентони 17 поени. Со оглед дека има пет порази, Хјустон оваа победа не го одлепува многу од дното на западната конференција. Само Далас и Феникс имаат полош биланс.

 

 

Се вчитува...