Леброн се налути, Лејкерси се вратија од „минус 19“

Лос Анџелес лејкерс не се откажува од битката за плејофот, откако „езерџиите“ во фантастичен натпревар славеа над Хјустон со 111-106. Лејкерси губеа со 19 поени разлика во третата четвртина, но пресудна беше нивната серија од 17-4 кога негативата од 88-95 ја претворија во предност што знаеја како да ја задржат до самиот крај. Очекувано, Леброн Џејмс ја презеде одговорноста кога беше најважно и го заврши натпреварот со 29 поени, а одлична помош имаше од Индграм (27 поени). Во таборот на Хјустон повторно најзабележителен беше Харден со 30 поени.

Филаделфија триумфираше над Мајами со 106-102, натпревар на кој одлично својата шанса ја искористи Бобан Марјановиќ. Ембид поради повреда ќе отсуствува најмалку една седмица, а српскиот „џин“ знаеше како да го искористи тоа, па синоќа оствари дабл-дабл од 19 поени и 12 скокови, погодувајќи и три клучни слободни фрлања во последните 90 секунди од натпреварот.

Милвоки се зацврсти на врвот на Источната конференација по победата од 98-97 над Бостон. Адетокумбо повторно беше незапирлив со 30 поени и 13 скокови, додека Хорфорд беше главна фигура во поразениот тим со 21 поен и 17 скокови.

Резултати НБА:

Кливленд – Феникс 111-98, Филаделфија – Мајами 106-102, Бруклин – Портланд 99-113, Милвоки – Бостон 98-97, Голден Стејт – Сакраменто 125-123, ЛА Лејкерс – Хјустон 111-106.

Се вчитува...