Легендарниот Буфон: Првиот куп-трофеј го освои со Енрико Киеза, последниот – со неговиот син Федерико

Џанлуиџи Буфон имаше извонредно простување од Јувентус, откако како капитен ја предводеше „старата дама“ со трофејот во Купот на Италија, триумфирајќи над Аталанта со 2-1. Буфон е без пораз на 14-те средби на кои сезонава ја чуваше мрежата на Јуве, но веќе е најавено дека синоќешниот меч беше последен за него во овој дрес, бидејќи во последното коло од Серија А против Болоња на голот ќе застанаа Шчешни.

Ова беше шести куп-трофеј за Буфон, со што го израмни рекордот на Роберто Манчини, а неверојатно делува податокот дека Буфон првиот пехар го освои во 1999 година, како член на Парма, каде за соиграч го имаше голгетерот Енрико Киеза. Сега, дури 22 години подоцна, фантастичниот голман за свој соиграч го имаше синот на Енрико, Федерико Киеза, кој имаше само две години кога Џиџи и Енрико го прославуваа големиот успех.

„Пред мечот му реков на Џиџи – имаше толку многу трофеи во кариерата, но овој го имаш освоено со татко, ајде сега да го сториш истото и со мене. Тој е вистинска легенда, многу ќе ни недостига во Јуве“, изјави Федерико Киеза, кој го постигна победничкиот гол на големото финале со Аталанта.

Се вчитува...