Лех со рекорден трансфер пред дуелот со Пелистер

Одбраната на Лех ќе биде значително ослабена за претстојниот двомеч со Пелистер во квалификациите за Лигата на Европа, откако раководството на полскиот клуб даде зелено светло за заминување на Јан Беднарек.

Станува збор за 21-годишен дефанзивец кој лани беше најдобар играч во одбраната на Лех, а кој својата кариера ја продолжува во англискиот премиерлигаш Саутемптон. Полските медиуми информираат дека сите детали се веќе договорени, по што Беднарек добил зелено светло да отпатува за Англија и да го стави својот потпис на договорот со новиот клуб.

Лех ќе заработи од неговата продажба 6,5 милиони евра, што е нов рекорден трансфер во полскиот шампионат, откако Адријан Мирзејевски беше продаден од Полонија во 2011 година за 5,25 милиони евра.

Лех утре на домашен терен ќе го пречека Пелистер во првиот натпревар од двомечот во квалификациите за Лигата на Европа, а реваншот меѓу овие два тима ќе се игра следната седмица во Струмица.

Се вчитува...