Лејкерси доминантни, Мајами го загуби првиот меч но и двајца клучни кошаркари

ЛА Лејкерс доминантно го доби првиот натпревар против Мајами со 116-98 во финалето од НБА лигата.

Мајами не го загуби само натпреварот туку и двајца исклучително важни кошаркари за својот тим. Горан Драгиќ остана во соблекувалната на полувремето поради повреда на стапалото, а Бем Адебајо мечот го заврши во третата четвртина поради повреда на рамото. Џими Батлер, пак, го свитка зглобот во првото полувреме но ја продолжи средбата.

Уште не е познато колку од тие повреди на Драгиќ и Адебајо се сериозни, но доколку Мајами остане без двајцата во продолжението Лејкерс многу брзо би можеле да стигнат до својата 17. титула во НБА лигата.

Ентони Дејвис брилјираше во својот прв финален натпревар во кариерата. Постигна 34 поени, дополнети и со девет скока и пет асистенции, а Леброн Џејмс остана на корак од „трипл-дабл“ со 25 поени, 13 скока и 9 асистенции. Батлер со 23 поени беше прв стрелец кај Мајами.

Вториот натпревар се игра сабота наутро од 3 часот по средноевропско време.

Се вчитува...