ЛА Лејкерс го заврши настапот во плејофот со пораз од 1-4 од Денвер во првата рунда од плејофот во Западната конференција, по што остана дилемата дали Леброн Џејмс и во иднина ќе го носи дресот на „езерџиите“. Договорот на Леброн истече летово, но во него има „клаузула на играчот“ со која самиот кошаркар може да активира една дополнителна година за плата од огромни 51 милион евра.
Рокот за активирање на оваа клаузула е 29 јуни, а во прилог на управата на ЛА Лејкерс е што на 26-27 јуни е закажан драфтот на НБА-лигата. Американските медиуми најавуваат дека лејкерси планираат да направат значаен чекор напред за задржување на „кралот Џејмс“, потпишувајќи договор со неговиот син Брони, кој се пријави на овогодинешниот драфт.
Леброн во последната година во неколку наврати изјавуваше дека би сакал да одигра најмалку една година заедно со Брони пред да каже збогум на кошарката, а лејкерси се подготвени да му дадат можност за такво нешто на легендарниот кошаркар. Со оглед на фактот дека кошаркарските квалитети на Брони не се така големи, не се очекува тој да биде високо рангиран на драфтот, а лејкерси би го ангажирале уште во првата рунда во знак на почит кон Леброн.
Останува да се види дали овие најави ќе се остварат, но едно е сигурно, ако Брони Џејмс биде избран од „езерџиите“, тоа речиси сигурно ќе значи и останување на Леброн во овој клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА