Лејкерси со шампионска лекција за Дончиќ и Далас

Лос Анџелес Лејкерс со уште едно импресивно издание стигна до триумф на стартот од НБА-сезоната, декласирајќи го составот на Далас Маверикс со 138-115. Гостите од Далас парираа само во првите дванаесет минути (33-30), за потоа „езерџиите“ целосно да ја преземат контролата над мечот. Неверојатна е разликата во „поени од втора шанса“, ЛА Лејкерс реализираа дури 35, а Далас ниту еден, што на крајот се покажа како пресуден фактор.

Ентони Дејвис постигна 28 поени, Леброн Џејмс реализираше 22, а одлични игри прикажаа двете најголеми засилувања за сезонава, Харел стигна до 22 поени (10-12 од поле), додека Шредер беше стрелец на 18 поени за ЛА Лејкерс. Кај Далас повторно најефикасен беше Лука Дончиќ со 27 постигнати поени.

До триумф на божиќната програма од НБА стигна и ЛА Клиперс, и тоа на гостински терен против Денвер со 108-121. Пресудно се покажа првото полувреме што клиперси го добија со 55-72, предност што знаеја како да ја задржат до самиот крај. Пол Џорџ со 23 и Каваи Ленард со 21 поен вообичаено беа најефикасни кај клиперси, додека кај Денвер Никола Јокиќ беше на чекор до нов трипл-дабл (24 поени, 10 асистенции и 9 скокови).

Се вчитува...