Лекиќ: Доста е веќе од полуфиналиња!

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

По три полуфиналиња по ред и три „бронзи“ од Ф4 во Лигата на шампионите, во претхопдните три настапи во Будимпешта, во Вардар се надеваат дека годинава конечно ќе ја поминат таа фамозна граница и ќе стигнат еден чекор понапред во завршницата на ЛШ. Андреа Лекиќ е една од оние пет ракометарки во овој состав на Вардар заедно со Радичевиќ, Суслина, Лејно и Хмирова, кои во своите раце и нозе ги имаат трите претходни настапи и сега по четврти пат ќе се борат за финале на Ф4 турнирот во ЛШ.

„Од срце се надевам дека годинава ќе успееме. Среќна сум што сум овде четврта година по ред, но како играч јас сум постојано „гладна“ за нови успеси и не сакам повторно да застанеме до полуфинал, Па, доста е веќе од полуфиналиња!“ – расположено вели Андреа Лекиќ.

Во својата кариера Лекиќ има шампионска титула освоена со Ѓер во 2013 година. Шампионскиот дух истата година го донесе во Вардар, заедно со Јованка Радичевиќ и се надева дека ќе се искачи на победничкиот подиум во ЛШ и во „црвено-црниот“ дрес. Можеби овој викенд, ако работите течат во посакуваната насока.

„Јас навистина искрено и од срце се надевам дека ќе биде така. Мислам дека ако помалку да зборуваме, а повеќе да работиме, дека тоа ќе биде вистинскиот рецепт за нас овој пат. Сметам дека искуството е една голема работа. Од минатата година научивме дека кога ќе го отворите натпреварот со толку промашени шутеви и кога концентрацијата не е на ниво на кое треба да биде, тогаш е тешко да се вратиш во мечот. Но, чуден е женскиот мозок. За 24 часа се е можно, три-четири топки може целосно да го свртат натпреварот. ЧСМ Букурешт лани никој не го вбројуваше во кругот на фаворити, но ете тие ја освоија титулата“ – вели бекот на Вардар.

Vardarki vo Budimpesta

Искуството од претходните три настапи во завршницата на ЛШ е она што му дава предност на македонскиот шампион успешно да се носи со сите предвидени ситуации што може да ги донесат овие завршни два натпревари во Будимпешта. Влогот е преголем за да се испушти лесно шансата.

„Што се однесува до нас, јас би сакала да сме помирни. Ако се прашувам јас што би променила, тоа е токму тоа. Да бидеме смирени. И ако се случат тие промашувања, ако дојде до тоа, да останеме фокусирани од напад во напад и некако да бидеме таа екипа која ќе го води ритамот на овој меч. Исклучително напорно е да се играат два вакви натпревари за 24 часа. Во денешниот меч со ЧСМ Букурешт одиме, како што велам јас „на глава“. Кога играш финале и да немаш сили се игра „на сите четири“. Играв, бев дел од тоа знам како е, никој не прашува и на такви мечеви, никој ни не стигнува да се сети на умор“ – истакнува Андреа Лекиќ.

Вардар во денешното полуфинале повторно против себе го има ЧСМ Букурешт. Но, за разлика од лани и еуфоријата дека лесно ќе се справиме со аутсајдерот, годинава полуфиналето е исто, но улогите се поинакви. Романскиот тим сега ја носи фаворитската улога како бранител на титулата, а Вардар поуката од лани, дека во вакви мечеви секогаш треба да се оочекува и неочекуваното…

„Секој бранител на титулата, мора да го носи тој товар на фаворит. Друга работа, мислам дека ЧСМ Букурешт се екипа која ја подигна својата форма во четвртфиналето, одиграа добро во четвртфиналето против Ференцварош и што се донесува до мене, мислам дека шансите ни се подеднакви. Како се вели, секогаш очекувајте го неочекуваното. Навистина ништо не се знае како ќе биде и како ќе тргне натпреварот. Посакувам да одиграме онака како што одигравме против Митјиланд, посебно она второ полувреме кое навистина го одигравме на едно разиграно убаво ниво и пред се мирно. Тоа сакам да го повториме денеска во полуфиналето против ЧСМ Букурешт“ – посака Андреа Лекиќ во пресрет на денешното полуфинале и стартот на Ф4 викендот во Будимпешта.

Се вчитува...