Лекција од Пролет за младите битолчани

Пролет со супериорна игра многу полесно од очекувањата успеа да триумфира со 28-22 над Еурофарм Пелистер 2, одмаздувајќи им се на тој начин на битолчани за трите порази претрпени во текот на ланската сезона. Скопскиот клуб одигра извонредна одбрана, во долги периоди од мечот одлично ги затвораше приодите кон својот гол, па Јовиќ ниту со тактиката „седум на шест“ што често ја користеше во второто полувреме не успеа да го врати својот тим во игра за позитивен резултат.

Еурофарм Пелистер 2 имаше предност од 5-7, по што гостите речиси десет минути беа без постигнат гол, а Пролет направи пресврт и поведе со 11-7. На одмор се замина со водство на домаќините од 14-11, а како клучен се покажа стартот од второто полувреме, што Пролет го отвори со четири гола за водство од 18-11. Јовиќ побара тајмаут, неговиот тим се приближи на 21-18, но тајмаутот на Лембанов на вроди со плод, Пролет се врати во ритам и на крајот славеше заслужено со убедливи шест гола предност.

Џонов и Димов со по пет гола беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет, додека по четири погодоци постигнаа Василевски, Андоновски, Јагуриновски и Палевски. Во редовите на Еурофарм Пелистер 2 прв стрелец беше Белистојановски со четири погодоци.

Струга лесно и убедливо славеше над Вардар Неготино со 36-24. Стружани на одмор имаа предност од пет гола (18-13), за отпорот на гостите да го скршат во завршните десетина минути, кога стигнаа до двоцифрена победа. Костоски со 10 и Бугариновиќ со седум погодоци беа најефикасни во победничкиот состав на овој натпревар.

Се вчитува...