Леле, што направивме – втор дел: Внуката на Владо Илиевски примена во „Бољшој“

Балетот и театарот немаат преголема поврзаност со спортот, но кога Македонец ќе оствари успех од светски рамки, тоа дефинитивно е вредно за одбележување. Стефанија Гаштарскa е примена како дел од колективот на балетот, „Бољшој“ театарот во Москва, како врвно достигнување на оваа млада балерина. Таа има и спортска „жичка“ бидејќи е ќерка на долгогодишниот кошаркар Димче Гаштарски, внука на репрезентативецот Владо Илиевски, стрелец на најважната тројка во кошаркарската историја на Македонија, во четвртфиналето од Евробаскет 2011 против Литванија.

„Прва Македонка примена да работи во колевката на балетот, врвниот „Бољшој“ театар во Москва. Една и единствена, на мојата и наша Стефи и се исполнуваат соништата. ПС: Еден од фамилијата сепак заигра во НБА, ама онаа балетската“, порачува гордиот татко Димче Гаштарски.

Стефанија од шестгодишна возраст се занимава со балет, а како огромен талент последните четири години ги мина во гимназијата „Бољшој“ во Москва. Оттаму само најдобрите неколку балерини секоја година се примаат во елитното друштво на балетот „Бољшој“, а токму Македонката годинава се најде на листата на најталентираните, кои во иднина ќе бидат дел од колевката на балетот.

Се вчитува...