Лембанов останува тренер, во Пролет се враќа и добро познато лице

Алексо Лембанов ќе продолжи да го води тимот на Пролет и во вториот дел од натпреварувачката сезона, одлучи управата на клубот по консултациите и разговорите што ги имаше во изминатиот период. Екипата на Пролет денеска ќе ги стартува подготовките за вториот дел, под водство на младиот стручњак кој го водеше тимот и во последните натпревари од 2021 година.

Лембанов пристигна во клубот пред повеќе од една година и беше дел од стручниот штаб на Матлиески, Кастратовиќ и на Андон Бошковски, а токму по прекинот на соработката со Бошковски беше донесена одлука тој да остане и да добие шанса како прв тренер. Иако резултатите беа променливи, напредокот во играта беше значителен, што е главна причина Лембанов да биде задржан на клупата и да добие шанса до крајот на сезонава.

„Ние сме клуб што секогаш им дава шанса на младите македонски играчи, сега сакаме да му дадеме можност за докажување и на млад македонски тренер. Лембанов е стратег што поседува квалитети што ние ги препознаваме и веруваме дека под негово водство тимот ќе стигне до посакуваните резултати во вториот дел од сезоната“, изјавија од управата на РК Тинекс Пролет.

Во клубот по неколкугодишна пауза се враќа и Илија Темелковски, поранешниот селектор на Македонија кој долги години седеше на клупата на Пролет. Темелковски ќе ја изавршува функцијата стручен координатор на сите селекции во РК Пролет, како дел од стручната комисија при управниот одбор на клубот.

Се вчитува...