Лембанов: Подготвени сме за новата сезона, местото на Тинекс Пролет е во плејофот

Тинекс Пролет е подготвен за стартот на новата натпреварувачка сезона, која ќе ја стартува со денешниот дуел со Голден Арт.

Тренерот Алексо Лембанов во текот на подготовките им даде шанса на сите ракометари, резултатот од контролните средби оставајќи го во втор план, се со цел да се создаде јасна слика околу ростерот со кој Тинекс Пролет ќе настапува во новиот шампионат на Македонија.

„Генерално можам да бидам задоволен од она што го видов од екипата во подготовките. Она што ми беше најважно е да ги видам на дело сите играчи кои ги имам во составот, па така на овие контролни средби настапија 16 различни ракометари, како и тројцата голмани. Сметам дека сега сите имаме јасна слика околу ростерот и тоа кој играч ќе има поголема минутажа, а кој ќе може да помогне во одреден дел од натпреварите. Она што ме радува е што сите работеа напорно. Проблемите со повредите со кои се соочувавме извесно време сега се зад нас, десетина дена тренираме со полна пареа и подготвени сме за стартот на Супер-лигата“, изјави тренерот Лембанов.

Амбициите на клубот остануваат исти како и во претходните сезони, најпрвин пласман во плејофот, а потоа и борба за излез во ракометна Европа.

„Со новиот систем на натпреварување и со изгледот на екипите, слободно можам да кажам дека местото на Тинекс Пролет е во плејофот. Секако дека потоа ќе се обидеме да стигнеме и до место што води во Европа, но сега е многу рано да говориме за тоа, погледите мора да се насочени само кон настапот во првиот дел од сезоната и што подобри игри и резултати во овој период“, истакнува стратегот на Тинекс Пролет.

Прв противник на Тинекс Пролет во новата сезона ќе биде Голден Арт, натпревар што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ (мала сала) со почеток во 19.30 часот (директен пренос на МТВ 3).

„Немаме премногу информации за противникот, обезбедивме видео-снимка само од нивната контрола со Охрид, но тоа беше меч на кој тренерот на Голден Арт очигледно експериментираше со желба да скрие дел од тактиката што ја планира за сезоната. Она што можам да го кажам е дека главен адут на Голден Арт ќе биде токму тренерот Матлиевски, кој долги години беше тренер на Тинекс Пролет и добро ги познава речиси сите ракометари од нашиот тим. Сепак, со оглед на изгледот на екипите, мислам дека се ќе зависи од нас и нашето издание бидејќи ако одиграме како што знаеме, ќе стигнеме до победата што ја посакуваме“, вели Лембанов.

Се вчитува...