Лембанов ротираше, Пролет рутински го совлада Скопје

Пролет ја продолжи серијата одлични резултати во ракометната Супер-лига, славејќи на домашен терен против Скопје со 35-30 за зацврстување на второто место во својата група. Тренерот Алексо Лембанов го искористи овој меч за да го изротира тимот и да им даде шанса и на помладите ракометари, воедно и заслужен одмор на оние најискусните.

Скопје го искористи тоа со добра игра поведувајќи со 4-7 во почетните десет минути, но Пролет експресно не само што се врати, туку до крајот на полувремето веќе стекна удобно водство од 18-13. Гостинските ракометари не се предадоа, во вториот дел се приближија на само еден гол негатива, но Пролет повторно заигра на ниво кога беше најважно, одлепувајќи се за конечни „плус пет“ на овој натпревар.

ГА во втората скопска пресметка од оваа група славеше на гостувањето во Кисела Вода против Јуниор со 20-28. Победата беше осигурана со супериорниот почеток во кој избраниците на Матлиески поведоа со 3-11. Удобното водство беше сочувано најпрвин до крајот на полувремето (7-15), на стартот од вториот дел ГА поведе и со двоцифрена предност (11-23), за пред крајот конечните да ја спуштат разликата на поподносливи „минус осум“.

Се вчитува...