Ленард се откажа од американскиот дрим-тим

Каваи Ленард нема да може да настапи за САД на претстојните Олимписки Игри во Париз откако ѕвездата на ЛА Клиперс беше принудена да го откаже настапот за американскиот дрим-тим.

Селекторот Стив Кер го вклучи Ленард на својот список и покрај бројните проблеми со повредите изминатата сезона. Асот на клиперси доби зелено светло од стручниот штаб за да го пропушти и стартот на подготовките, но откако стана јасно дека состојбата не му се подобрува беше донесена одлука тој да не настапува за САД во Париз.

„Претставниците на репрезентацијата и челниците на ЛА Клиперс заеднички одлучија дека најдобро ќе биде Каваи Ленард да го мине остатокот од летото подготвувајќи се за новата сезона наместо да игра незалечен на ОИ во Париз“, се вели во соопштението на “US Basketball”.

Како што јавуваат американските медиуми, местото на Ленард во националниот тим ќе му припадне на Дерик Вајт, кошаркарот што минатиот месец стана шампион на НБА-лигата со тимот на Бостон селтикс.

Се вчитува...