Ленс е екстра-тим: Пресврт со играч помалку за триумф кој значи место во ЛШ

Ленс направи уште еден џиновски чекор до место кое води во Лигата на Шампионите наредната сезона откако „црвено-жолтите“ во супердраматичен дуел славеа над Ремс со 2-1, за огромни три бода со кои се зацврстија на второто место на табелата. Успехот е уште поголем ако се знае дека Ленс од 20. минута играше со фудбалер помалку на теренот, но и во таква ситуација собра сили за пресврт и голема победа.

Се чинеше дека 20. минута може да биде клучна на натпреварот откако Ремс поведе со пенал, а Дансо за прекшрокот во шеснаесетникот доби директен црвен картон. Домашните фудбалери немаа намера да се предадат, па преку Франковски исто така од пенал успеаја да стигнат до израмнување.

Најубавиот момент на мечот дефинитивно беше вториот гол за Ленс, откако Фофана прими топка на дваесетина метри од противничкиот гол, мајсторски се ослободи од чуварите и од работ на шеснаесетникот донесе огромна радост на домашните навивачи, за водство од 2-1 што се покажа како конечен натпревар.

Ленс сега има 75 бода на второто место, три бода помалку но и меч повеќе во однос на лидерот ПСЖ. Она што сепак е најважно, Ленс има плус пет во однос на третопласираниот Олимпик Марсеј и дури 11 бода предност во однос на четвртопласираниот Монако, на четири кола до крајот колку што имаат да одиграат „кнезовите“ до крајот на шампионатот.

Се вчитува...