Фудбалерите на ПСЖ, релативно потешко од очекувањата, дојдоа до три бода на синоќешното гостување кај Ремс (2-0) со двата погодоци на Килијан Мбапе, но најважната приказна од овој меч е дебито на Лионел Меси во дресот на „светците“.
Аргентинскиот магионичар средбата ја почна од клупата и одигра нешто повеќе од 20 минути, што се должи на фактот што сѐ уште не е во посакуваната форма.
„Меси сѐ уште е далеку од најдобрата форма, но тренираше добро и за две недели ќе биде на потребното ниво за дабиде во првиот тим. Го чекаме најдоброто од него. Многу сум среќен што дебитираше, ова беше многу важно. Тој беше добар, од првиот контакт со топката, му даде мир на тимот. Добро е што започна со победа“, изјави тренерот Маурицио Покетино.
Репрезентативецот на Аргентина пред себе има две недели, со оглед што следниот викенд клупскиот фудбал ќе мирува поради квалификациите за СП 2022, па може да се очекува негово вклучување во стартниот состав веќе на следниот меч и тоа на „Паркот на принцовите“ против Клермон (11 септември).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА