Лео Меси си купи и втор клуб во Шпанија

Неверојатната играчка кариера на Лео Меси се ближи до крајот, но аргентинскиот генијалец веќе повлекува потези со кои јасно става до знаење дека планира да остане во фудбалот и кога ќе ги закачи копачките на клин.

Меси влезе во завршна фаза за купување на уште еден клуб во Шпанија, и тоа второлигашот Елденсе, пренесуваат медиумите од Пиринејскиот полуостров. Најчелно е постигнат договор за Аргентинецот да стане стопроцентен сопственик на Елденсе, тим во кој дополнително ќе инвестира во наредните години, со цел да се приклучи и на шпанската фудбалскка елита.

За комплетирање на процесот се чека само зелено светло од шпанскиот национален спортски совет согласно законите на оваа држава, но тоа не би требало да претставува никаков проблем. Елденсе досега беше сопственост на колумбиската инвестициска група ТХ која ја прифатила понудата на аргентинскиот фудбалски генијалец.

Тој веќе е сопственик на петтолигашот Корнеља од април годинава, но овој клуб од Барселона е полупрофесионален, па преземањето на Елденсе ќе биде негов прв професионален клуб како сопственик.

Меси исто така е ко-сопственик и во уругвајскиот клуб Депортиво ЛСМ заедно со својот соиграч и добар пријател Луис Суарез.

Се вчитува...