Леонардо: Меси има проблем, ситуацијата е комплицирана

Лионел Меси пристигна во Пари Сен Жермен во „блокбастер“ трансфер, но според многу љубители на фудбалот, засега не ги исполнил очекувањата. Во француската Лига 1 сè уште е без гол на пет одиграни натпревари, а кон голот упати дури 15 удари, што е најмногу во првенството.

На натпреварот против Лил во петокот вечерта беше заменет на полувремето. На негово место влезе Мауро Икарди и ПСЖ забележа триумф од 2-1.

По тој меч, спортскиот директор на „светците“ Леонардо, проговори за лошата игра на најгласното засилување.

„Ситуацијата со Меси е комплицирана. Во првиот период во ПСЖ тој помина повеќе време со репрезентацијата отколку со клубот. Со толку многу патувања, проблемите беа за очекување. Слична е и ситуацијата со Нејмар“, рече Леонардо.

Меси има нешто подобар учинок во Лигата на шампионите, каде во првите три кола постигна три гола. Следниот натпревар ПСЖ го игра во среда од 21:00 часот на гости кај РБ Лајпциг.

Се вчитува...