Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер утре против Мотор Запорожје на домашен терен го игра клучниот натпревар за пласман во нокаут фазата во второто по ранг континентално натпреварување, Лигата на Европа.
Голманот на битолчани Урбан Лесјак вели дека најважно е што сами одлучуваат за својата судбина.
„Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. В раце имаме можност да стигнеме и до трето место во групата, што сега е наша цел. Екипата на Мотор е искусна, добар микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. Мотор е во форма, направи чекор напред и можеше тоа да се забележи и со победата над Бидасоа. Нам ни преостанува добро да се спремиме, да го прегледаме видео материјалот, да направиме тактичка припрема и да играме на победа. Од денес до следната сабота играме четири натпревари и многу е важно да имаме голем ростер и играчите кои почнуваат од клупа, да внесат свежина. Тоа за секоја екипа е многу важно“, вели Лесјак
Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за утре со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА